
Во Естонија се решава судбината на македонската кошарка - „на коњ“ или назад во калта!
По поразот од истиот противник во Скопје (69-74), на избраниците на селекторот Александар Јончевски им е потребна не само победа, туку и убедливо издание против ривалот кој досега има три победи и еден пораз. Македонија, со само еден триумф во четири средби, бара спас на гостински терен и шанса да се врати на европската сцена по десетгодишна пауза. Овој натпревар е особено значаен бидејќи многумина од актуелните репрезентативци ја гледаат оваа шанса како можност за прв (и последен) настап на континенталниот собир во своите кариери.
Дури и евентуална победа во Талин не гарантира директен пласман, бидејќи Македонија ќе мора да ја совлада и Полска во последното коло, како и да се надева на пораз на Естонија од Литванија. Но, пораз вечерва значи и крај на надежите, со фокусот веќе насочен кон претквалификациите за Светското првенство 2027, каде што ќе играме со егзотични и аматерски селекции меѓу кои дефинитивно не ни е местото.
Жолто-црвените на овој дуел ќе може да сметаат на Ти Џеј Шортс, еден од најдобрите плејмејкери во Европа во моментов, но ќе биде ослабена во рекетот со оглед на отсуството на Итан Хап поради повреда и на Теодор Симиќ поради болест. Натпреварот ќе се игра во арената „Унибет“ во Талин, која ќе биде исполнета до последното место со околу 7.000 домашни навивачи, со оглед што билетите веќе одамна се распродадени.