
Кошаркарите играат и против традицијата – две децении немаме триумф во Талин!
Жолто-црвените против себе ќе имаат мотивиран противник, кој сака вторпат во низа, а вкупно седми пат да се најде на еден континентален собир, преполна сала со 7.000 гледачи, како и – традицијата. Естонците ни се како судбина во последниве години и еден од главните виновници што една деценија не сме играле на Евробаскет, за што доволен показател се петте порази во последните шест меча одиграни од 2017 година па навака. Дури и таа една победа, остварена на неутрален терен во Перм (Русија) пред четири години беше пирова, со оглед што не беше остварена со доволна разлика која ќе ни донесеше место на ЕП 2022. Пред оваа негативна низа имавме две убедливи победи против оваа селекција, меѓу кои е и последната во Талин остварена во септември 2008 година, нешто што би сакале и сега да го повториме.
Македонија на оваа средба ќе настапи со двајца евролигашки кошаркари во ростерот и тоа Ненад Димитријевиќ од Олимпија Милано и Ти-Џеј Шортс од Парис баскет, кои секако имаат далеку поголем кредибилитет и рејтинг од сите во противничкиот тим. Пред февруарскиот циклус, Естонија и Литванија имаат скор 3-1, а Македонија и Полска се со учинок 1-3, со напомена дека Полјаците играат без мотив бидејќи се веќе пласирани како еден од четирите домаќини на ЕП 2025, заедно со Кипар, Финска и Германија.
За пласман на континентален собир по пауза од една деценија ни требаат победи на гости против Естонија (минимум шест разлика) и против Полска дома во понеделник, но и пораз на Естонците на гостувањето кај Литванија во последната рунда од квалификациите.