„Гробари“ ѝ фаќаат сеир на Звезда: Новиот капитен на црвено белите е навивач на - Партизан (ФОТО)

Претстојниот викенд на програмата е 175. „вечно“ дерби во српскиот фудбал, а три дена пред мечот, Црвена Звезда назначи нов капитен.

Досегашниот, Урош Спајиќ си замина, па лентата во иднина ќе ја носи Мирко Иваниќ кој веќе шест години е член на Звезда. Иако роден во Војводина, Иваниќ е црногорски репрезентативец, а најинтересно кај него е тоа што е навивач на Партизан. Фановите на овој клуб ѝ фатија сеир на Звезда откако најдоа негово интервју објавено пред многу години во кое тој признава дека сон му е да заигра на стадионот ЈНА, во црно белиот дрес.

„Партизан ми е во срцето, а навивачите на овој клуб се најдобри. Сон ми е еден ден да истрчам на зелениот тепих на стадионот на Партизан. Идоли ми се Матеја Кежман и Зинедин Зидан“, вели, меѓу другото, новиот капитен на Звезда.

Претстојното дерби се игра на стадионот на Црвена Звезда која само чудо може да ја спречи да освои нова титула во домашното првенство.