Голем хендикеп за Слот: Ливерпул подолг период без стандардниот дефанзивец!

Екипата на Ливерпул ќе биде ослабен во наредните недели откако дефанзивецот Џо Гомез (27) ја обнови повредата на бутниот мускул, што беше потврдено од менаџерот Арне Слот на прес-конференцијата пред утрешното гостување кај Астон Вила.

Англискиот репрезентативец, кој е дел од Ливерпул од 2015 година, ја имаше истата повреда на почетокот на годината и не настапуваше. Се врати на теренот пред девет дена, но одигра само 11 минути во шокантниот пораз од Плимут во ФА купот, пред повторно да почувствува болка и да го напушти теренот.

„Џо ќе отсуствува со недели. Ќе му треба доста време за закрепнување, а постои можност и за операција, што би значело подолга пауза“, изјави Слот.

Менаџерот на Ливерпул додаде дека и Коди Гакпо нема да биде подготвен за мечот против Астон Вила, откако го пропушти дуелот со Вулверхемптон поради повреда. Иако тимот на Унаи Емери е без победа на последните четири првенствени натпревари, Слот очекува тежок предизвик во Бирмингем.

„Астон Вила е меѓу осумте најдобри во Лигата на шампионите, што покажува за каков тим станува збор. Одлични се на домашен терен, но и ние играме добро на гости оваа сезона“, заклучи стратегот на Ливерпул.