
Јунајтед е толку очаен што три пати сезонава загуби од Тотнем (ВИДЕО)
„Ѓаволите“ загубија од Тотнем со 0-1, уште еден тим кој не може да се пофали со добри игри и резултати оваа сезона. Сепак, со денешниот триумф, лондонскиот состав го претекна Јунајтед и застана на 12. позиција. Да биде катастрофата на Јунајтед поголема, тоа е трет пораз во трите меча со Тотнем оваа сезона откако претходно на домашен терен во првенството загуби со 0-3, а во четвртфиналето од Лига купот, во Лондон со 3-4.
Единствениот гол беше дело на Медисон уште во 13. минута по што Тотнем успеа да го задржи водството и покрај неколкуте шанси на противникот. Натпреварот беше исклучително динамичен, двете екипи создадоа голем број прилики, но мрежите не се тресеа до крајот.
Интересно е тоа што ова беше прва победа за Тотнем на домашен терен во 2025 година и прва по 3 ноември кога ја совлада Астон Вила со 4-1. Оттогаш забележа пет порази и два нерешени резултати што е и основната причина поради која Спарс се во долниот дел од табелата.