Аморим призна: Точно е, го елиминиравме Лестер со гол од офсајд (ВИДЕО)

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, отворено призна дека погодокот на Хари Мегваер, кој му ја донесе победата на неговиот тим во синоќешната пресметка против Лестер (2-1) во англискиот ФА Куп, бил постигнат од офсајд позиција.

Дефанзивецот во третата минута од судиското надополнување ја смести топката во мрежата, за целосен пресврт на неговиот тим на „Олд Трафорд“.

„Да имаше ВАР, голот немаше да биде признат. Мислам дека е важно да се има ВАР бидејќи е фер. Тешко е да се загуби меч со гол од офсајд. Но и ние заслужуваме малку среќа“, изјави Португалецот по натпреварот.

Голот на поранешниот играч на Лестер постигнат во самиот финиш, предизвика жестоки реакции, особено кај менаџерот на Лестер, Руд ван Нистелрој.

„Ова не беше ‘Ферги тајм’, туку ‘офсајд-тајм’! ВАР гледа милиметри, а ова беше половина метар офсајд. Линискиот судија мораше да го забележи тоа“, изјави легендата на Манчестер јунајтед, кој сега го предводи Лестер.

Во оваа фаза од ФА Купот нема ВАР технологија, па одлуките остануваат во рацете на судиите на теренот.