Србинките за нас се од друга планета: Кошаркарките „замрзнаа“ на минус 45 во Белград!
Ова е петти последователен пораз за избраничките на селекторот Александар Ашаданов во овие квалификации, што дополнително ја отежнува нивната позиција во групата. Иако уште пред почетокот на натпреварот беше јасно дека Србија ќе ја оправда улогата на апсолутен фаворит, се очекуваше поголем отпор од македонските кошаркарки и помала негатива на крајот. Сепак, реалноста на теренот беше поинаква. Србинките доминираа од самиот старт, отворајќи ја средбата со предност од 10 поени по првата четвртина. До крајот на првото полувреме, разликата се удвои, а на одмор Србија замина со убедливи 20 поени предност.
Во третата четвртина, македонските репрезентативки накусо покажаа знаци на отпор, но нивниот обид за камбек беше краткотраен. Србија продолжи со агресивната игра, зголемувајќи го водството и на крајот стигна до убедлив триумф од 45 поени разлика. Најефикасна на средбата беше Андерсон од Србија со 21 поен, додека најдобар стрелец во редовите на Македонија беше Митрашиновиќ со 17 поени.
Жолто-црвените последниот меч од квалификациите ќе го одигра за три дена и тоа на гости против Украина, која како домаќин ќе игра во Рига (Летонија).