Добра вест за вардаровите навивачи: Вардар со Победа ќе игра на „Филип Втори“
Промената доаѓа експресно, иако сè уште во ек се преговорите на вардарци, како и на соседот Работнички со Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП) за новиот ценовник околу закупот за мечевите на двата скопски прволигаши.
Сепак, Вардар и АДССДП најдоа заеднички јазик, црвено-црните да го одиграат дуелот со Победа на својот стадион, а сега веќе и извесно е дека и ку-дербито со Шкендија в среда ќе се игра на најголемиот македонски стадион, а во очекување е да се најде и заеднички договор за цената на закупот.
АДССДП со новиот ценовник го навлече гневот поради преголемите суми за мечевите во домашното првенство, поради кое вардарци еднаш веќе и бурно реагираа. Ценовниот беше донесен со цел да се покрие загубата што годишно ја генерираше стадионот во минатото.