Многу пари стојат зад омилената фраза на Фати: Ќе се борам за место во тимот
Постоеја опции тој да замине на позајмица во некој од шпанските прволигаши или да замине во странство, но сите ги одби со својата добро позната фраза: Ќе се борам за своето место во тимот. Колку и да звучи спортски и самоуверено, зад овие зборови на 22-годишниот напаѓач стојат енормно многу пари кои последните две години тој не ги заслужува.
Неверојатно звучи фактот дека Фати е трет најплатен играч во тимот на Барселона со годишна плата од 13,9 милиони евра. Повеќе од него заработуваат само Роберт Левандовски и Френки де Јонг, а зад Фати се Жил Кунде и Рафиња. Останатите четворица се исклучително значаен дел од тимот и носители на играта на Барселона, за разлика од Фати кој по блескавиот старт на кариерата беше погоден од низа повреди и не успеа да го искористи потенцијалот, освен тоа што потпиша договор за баснословна сума.
Оваа сезона тој одигра осум натпревари со вкупно 186 минути и нема никаков ефект, освен еден жолт картон. Тренерот Ханси Флик неколку пати му порача дека не смета на него и дека е подобро да си најде нов клуб, но Фати остана на својот став. Со оглед на тоа што неговата вредност во моментов се проценува на 10 милиони евра, јасно е дека никаде на светов нема да најде клуб што ќе му даде плата од 14 милиони евра по сезона. Поради тоа што не успеа да се ослободи од него, Барселона зимава не донесе ниедно засилување во своите редови.
Да биде проблемот за Барса поголем, Фати има договор до 30 јуни 2027 година што значи дека уште долго време ќе мора да го плаќа фудбалерот на кого никој не смета.