Најлудиот трејд не престанува да шокира: Дончиќ во секунда загубил 50 милиони долари!

Еден од најголемите трејдови во НБА во овој век донесе огромни финансиски последици за Лука Дончиќ, по одлуката на Далас маверикс да го испратат во Лос Анџелес.

Словенечкиот кошаркар ќе загуби околу 50 милиони долари поради преселбата во таборот на Лејкерс, откако неговиот договор веќе не ги исполнува условите за „супермакс“ продолжение. Во спектакуларната размена, Дончиќ и ѕвездата на Лејкерс, Ентони Дејвис, ги заменија тимовите, иако ниту еден од нив не побара трејд. Иако ова отвора нови можности за двете франшизи, тоа значи и дека Дончиќ наместо планираните 345 милиони долари за петгодишен договор, ќе мора да се задоволи со значително помала сума.

Според аналитичарот Боби Маркс, Дончиќ сега има неколку опции, меѓу кои и скратен тригодишен договор со опција за играчка клаузула во последната сезона. Со тоа, во 2028/29 би можел да заработи дури 72 милиони долари. Останува да се види дали Дончиќ ќе прифати новата реалност или ќе бара начин да ја надомести финансиската загуба. Но, едно е сигурно – Лејкерс сега имаат амбиција да го изградат својот иден идентитет околу него, што може да вреди многу повеќе од загубените 50 милиони долари.