Франција и Данска на милиметри од пласман во четвртфиналето

Финалистите од претходниот Мундијал, Франција и Данска остварија убедливи победи на стартот од втората фаза на Светското првенство и сега се многу блиску до пласман во четвртфиналето.

Ко-домаќинот Данска ја прегази Германија со 40-30 за четврта победа на овој шампионат, како резултат на што сега има 6 бода и со триумф против Швајцарија во следното коло ќе го потврди пласманот меѓу осумте најдобри. Гидсел постигна 10, а Питлик 8 гола за победничкиот тим, а Костер и Кастенинг ја предводеа Германија со по 6.

Ни Франција немаше проблеми во дуелот со Унгарија и славеше со 37-30. Уште во првото полувреме „триколорите“ направија висока предност, водеа со 23-15, па во продолжение само ја сочуваа и дојдоа до триумфот. Дика Мем со 6 гола беше најефикасен во француската репрезентација, додека Лекаи постигна 5 за Унгарија.