Унгарија е силна, ама не е баук - ракометарите ќе пробаат да изненадат!

Македонската ракометна репрезентација вечерва од 20.30 часот во Вараждин ќе има тежок предизвик на стартот на Светското првенство (СП). Прв ривал на македонските ракометари е силната Унгарија, која влегува во мечот како голем фаворит, но нашите репрезентативци ќе се обидат да ја изненадат.

Македонските репрезентативци се свесни за предизвикот кој ги чека бидејќи Унгарците со години се во светскиот ракометен врв, но владее оптимизам во таборот на Кире Лазаров дека можеме СП да го почнеме со триумф.

Еден од најмотивираните пред мечот против Унгарија е Мартин Серафимов, кој кажа дека ривалот е моќен, меѓутоа никој не е непобедлив на теренот, посебно ако македонските ракометари имаат своја вечер и одиграат според планот.

„Унгарија има одличен состав и добри резултати на големите натпреварувања, па затоа влегува како фаворит. Тешко е да пронајдете слаби точки во нивната игра, но мора да запомниме дека никој не е непобедлив на теренот. Ќе ја чекаме нашата шанса и ќе се обидеме да ја искористиме максимално“, кажа Серафимов.

Натпреварот меѓу Македонија и Унгарија е закажан за вечерва од 20.30 часот во Вараждин.