Мундијалите некогаш ги почнувавме со победа, но во последно време губиме на стартот!

Ракометната репрезентација на Македонија денеска го почнува својот деветти настап на светските првенства и ќе се обиде да го надмине деветтото место што ни е најдобар пласман во историјата.

Од дебито во Египет пред 26 години, нашиот национален тим најчесто со победа ги почнуваше учествата на овие смотри, но смената на генерации придонесе на последните два шампионата да стартуваме со порази. До 2019 година имавме само еден пораз во првите кола од Мундијалите и тоа доживеан од Тунис во 2009 година, со 24-25.

На дебито во 1999 година, Македонија на стартот ја победи Саудиска Арабија со 28-21, во 2013 година од Чиле со 30-28, во 2015 и 2017 од Тунис со 33-25 и 34-30, а во 2019 година од Јапонија со 38-29.

Потоа дојде смената на генерации, но и фактот што во 2021 година во Египет отидовме како замена и нашата репрезентација не успеа да се подготви за краток рок како последица на што, загуби од Шведска со 20-32. На претходното светско првенство стартувавме против Норвешка и доживеавме пораз со 27-39.

Можност да се прекине оваа лоша серија, Македонија ќе има вечерва од 20:30 часот против Унгарија. Воопшто нема да биде лесно да се избори поволен резултат, имајќи предвид дека Унгарците со големи амбиции дојдоа во Вараждин и ќе се обидат да стигнат до завршницата на Мундијалот.