Момците на Лазаров против традицијата – Унгарија сме ја победувале само во Битола!
Унгарците можеби со години наназад се во самиот врв на светскиот ракомет, но самиот врв постојано им бега, а можат да се пофалат само со еден сребрен медал од Мундијалот во 1986 година, како и најдобро петто место на континенталните собири од ланскиот собир во Германија. Без разлика што тоа е идентичен најдобар учинок на ЕП и на македонскиот национален тим, денешниот противник е доминантен во меѓусебните дуели во пресметките со жолто-црвените. Македонија досега 13 пати ги вкрстувала копјата со Унгарија и победила само двапати и тоа во далечната 1995 со 26-21 и во 2003 година со 33-31. Заедничко е што обата меча биле во квалификациите за континентално првенство и што двете средби биле одиграни во Битола.
На останатите 11 мечеви сме загубиле, меѓу кои најубедливо сме биле поразени во 2005 година кога во Бекешчаба сме имале двоцифрена негатива (25-36) исто така во меч за пласман на ЕП. Симптоматично е што вечерашната пресметка за нас ќе биде прва против унгарската селекција по пауза од 11 години, со оглед што последниот меѓусебен дуел со „земјата на гулашот и чардашот“ сме го имале во 2014 година, кога во втората фаза од ЕП во Данска загубивме во Хернинг со 25-31.