Јовиќ пред пет години чинеше 63 милиони евра, а сега го нудат насекаде – беспари!
По 78-те одиграни минути под раководство на Пауло Фонсека, ситуацијата не се подобри ниту со доаѓањето на Сержо Консеисао. Иако беше на клупата за полуфиналето и финалето од Суперкупот на Италија, Србинот не доби шанса да заигра.
Со оглед на неговата ограничена улога во тимот, заминувањето од Милан се чини како најдобра опција за српскиот напаѓач. Сепак, главниот проблем е недостатокот на заинтересирани клубови. Јовиќ летоска ги одби понудите од Турција, а моментално нема конкретни опции за трансфер. Според шпанските медиуми, неговото име било понудено на Севилја, која е во потрага по напаѓач.
Шпанските спортски аналитичари потсетуваат дека Јовиќ направи голем чекор напред во кариерата со трансферот во Реал Мадрид за 63 милиони евра во 2019 година, откако блескаше во Ајнтрахт Франкфурт. Но, неговиот престој во шпанската престолнина се смета за еден од најголемите неуспеси во историјата на клубот.
„Потребен му е клуб каде може повторно да го пронајде својот ритам. Севилја би можела да биде идеална средина за негово враќање во форма“, пишуваат шпанските медиуми.
Милан е подготвен да го ослободи Јовиќ без отштета, што би можело да привлече интерес од тимот од Ла Лига. Сепак, платата од три милиони евра годишно претставува значителна пречка, бидејќи шпанскиот клуб сигурно нема да биде подготвен да понуди толкава сума.