Фантастична вечер за Морант и Хиро, рекорд на сезоната за Јовиќ (ВИДЕО)

Екипата на Мајами хит славеше убедлива победа на синоќешното гостувањето кај Портланд трејлблејзерс (119-98) благодарение на извонредната игра на Тајлер Хиро, кој постигна 32 поени и погоди седум тројки.

Тој вторпат во новата година реализира над 30 поени, со што го предводеше својот тим до трет последователен триумф. Во успехот на „жешките“ значаен придонес имаше и српскиот репрезентативец Никола Јовиќ, кој забележа рекорд за оваа сезона со 21 поен, осум скока и пет асистенции.

Детроит пистонс, пак, го победи Торонто репторс (123-114) во меч во кој блескаше Кејд Канингем со „трипл-дабл“ од 22 поени, 10 скока и 17 асистенции. За некогашниот НБА шампион ова беше деветта победа во последните 11 меча. Највозбудливиот дуел се одигра во Минеаполис, каде што Мемфис гризлис минимално ја совлада Минесота тимбервулфс (127-125). Џа Морант блескаше во последните моменти од натпреварот, реализирајќи два клучни напади кои го однесоа неговиот тим до целта.

РЕЗУЛТАТИ: Феникс – Јута 114-106, Детроит – Торонто 123-114, Минесота – Мемфис 125-127 и Портланд – Мајами 98-119.