МЗТ против Работнички уште на стартот од Купот, ептен тежок ривал за Пелистер!
Главна причина за тоа е фактот што можеби првпат во историјата уште во четврт-финалето ќе бидеме сведоци на пресметка помеѓу двата најголеми клуба кај нас – МЗТ Скопје и Работнички. Аеродромци и покрај вечерашната победа на гости кај Тиквеш овој дел од шампионатот го завршуваат како третопласирани со скор 8-3, колку што има и Пелистер, кој ќе биде втор поради победата во меѓусебниот дуел. Ова, сепак, нема да им донесе лесна задача на битолчани, кои во првата рунда од куп-натпреварување ќе го имаат најсилниот ривал – екипата на Чаир 2030.
Чаирчани завршија како седми само поради полошата кош-разлика во меѓусебните дуели со Куманово, Кожув и Работнички, кои исто како и тие имаат учинок 7-4. Нијанси решаваа во мини-табелата на овие четири тима, поради што неочекувано скопските екипи се најдоа во долниот дел од ждрепката. Последен пласман на завршниот турнир од Купот на Македонија обезбеди составот на Гостивар, кој со триумфот над Чаир 2030 го обезбеди осмото место на табелата, што им донесе четврт-финална пресметка со лидерот ТФТ.
Фајнал-ејт турнирот од ова натпреварување ќе се одигра во февруари следната година, а местото каде што ќе се пресметаат осумте најдобри тима дополнително ќе биде одредено. Бранител на трофејот на МЗТ, кој лани во драматично финале со кош буквално во последната секунда го совлада Пелистер во преполната сала во Битола.