Навивачите на Барса нема да му простат: Суарез ги честел играчите на Атлетико по синоќешната победа

Уругвајскиот напаѓач Луис Суарез е жива легенда на Барселона затоа што помина фантастични шест години во каталонскиот клуб.

За тој период одигра 283 натпревари и постигна 198 гола и притоа освои 13 трофеи во сите можни натпреварувања, најмногу од сите клубови во кои настапувал во кариерата. Сепак, со Барселона не се раздели пријатно, имаше конфликт со тогашниот тренер Роналд Куман и принудно се пресели во Атлетико Мадрид.

Со „јорганџиите“ освои само еден трофеј за две сезони и тоа во шпанското првенство во 2021 година, но очигледно емоциите и конекциите со овој клуб се уште постојат. Доказ за тоа е потегот што Суарез го направил по синоќешниот натпревар во кој Атлетико ја совлада Барселона на Монжуик и ја симна од првото место на табелата во Ла Лига.

Фудбалерите на Атлетико се пофалија дека биле почестени од Суарез со оброк од еден ресторан во Барселона и тоа го ообјавија на социјалните мрежи. Уругваецот присуствувал на Монжуик синоќа, но очигледно навивал за гостинскиот тим што секако нема да им се допадне на навивачите на Барселона.