Антиќ со поддршка од седум клуба не дозволи останатите 39 да му изгласаат - недоверба!

Мнозинството од клубовите членки на Собранието на КФМ денеска сакаа да го сменат Перо Антиќ од функцијата предводник на македонската кошарка, но поради неговото играње на „кондиција“ и упорно занемарување на нивната желба, по речиси пет часовен маратон го оставија со празни раце, односно со неизгласен финансиски извештај што во иднина може да му донесе проблеми со државните органи.

На собирот присуствуваа 46 клубови и претставници на здруженија и асоцијации, од кои само седум беа на страната на актуелното раководство, додека останатите 39 јасно изразија незадоволство од неговата работа и побараа промени. Ова се виде при изгласувањето на комисиите потребни за работа, кои секогаш се најдобар показател на односот на силите кога постојат две спротивставени струи.

Антиќ без разлика што имаше поддршка од минорен број членки, никако не сакаше да дозволи вметнување точка на дневниот ред во која ќе се гласаше за негова смена. Ова доведе дури и до полчасовно седење во празно, без никакви дискусии и предлози за помрднување од статус-кво ситуацијата.

Потоа дојдоа луѓето од хотелот каде што се одржуваше настанот и кажаа дека ќе ги избркаат присутните поради должината на состанокот. Клубовите на крајот самите одржаа гласање за недоверба на Антиќ при што јасно се виде дека мнозинството од нив сакаат промени, што сигурно ќе се види на следното Собрание со оглед што ова се прогласи за неуспешно односно прекинато.