Шведска беше преголем залак, Македонија поразена на стартот од ЕП!

Македонската женска ракометна репрезентација со висок пораз од 18-28 против Шведска го почна Европското првенство (ЕП), кое се одржува од 28 ноември до 15 декември.

Ракометарките имаа предност од 3-2 до осмата минута против Шведска, но фаворитот го презема водството и почна да го диктира темпото на игра. Македонија ѝ парираше на противничката селекција до 21. минута (7-9), по што почна распадот.

Шведска влезе во одлична серија и стигна до 15-7 на полувреме, а шоуто продолжи и во вториот дел кога избраничките на селекторот Кристија Грчевски „заборавија“ да постигнат гол, односно имаа црн период од 20 минути без постигнат погодок.

Македонија делумно заигра подобро во завршницата од средбата, кога успеа да го ублажи поразот и дојде до негативата од десет гола (18-28).

Голманката Јована Мицевска беше наш најдобар поединец на теренот во Дебрецин, таа имаше десет одбранети топки и тоа сите беа тешки зицери кои таа успеа да ги скроти. 

Најефикасна ракометарка во победничкиот тим беше Хагман со девет голови, додека Младеновска, Кипријановска, Ристовска и Јанкуловска постигнаа по три погодоци за Македонија.

Во групата А по два бода имаат селекциите на Шведска и Унгарија, додека без освоен бод по првото коло се Турција и Македонија.

Македонските ракометарки следниот меч го играат на 30 ноември од 20.30 часот против Турција, а потоа на 2 декември од 18 часот ќе се соочат против Унгарија.

На останатите натпревари кои се играа од 20.30 часот, Франција ја прегази Полска со 35-22, додека Норвешка ја декласира Словенија со 33-26.