Вардар го пречекува Гостивар, Шкендија и Шкупи играат во Тетово

Денеска се игра 16. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Вардар ќе има сериозен предизвик, на „Градски“ доаѓа екипата на Гостивар, дербито се игра во Тетово каде Шкендија ќе го пречека Шкупи.

По доаѓањето на Гоце Седлоски на клупата, Вардар врза два меча без пораз, по победата над Шкупи, во минатото коло црвено-црните одиграа нерешено кај Воска.

Денешниот меч против Гостивар ќе биде најголемиот тест досега со оглед на тоа што противникот се бори за шампионската титула и во моментов е изедначен на врвот со Шкендија и Силекс.

Интересно ќе биде во Тетово каде Шкендија ќе го пречека Шкупи. Тетовскиот тим е лидер поради подобрата гол разлика, а чаирчани се во очајна серија со четири порази едно по друго.

Шкупи почнува нова ера, со нови газди, па можеби тоа ќе биде стимул за докажување денеска против ривалот Шкендија.

Силекс би требало да има релативно лесна задача, кратовскиот тим кој е фантастичен по првите 15 кола, денеска во Кратово ја пречекува екипата на Воска.

Работнички кој во минатото коло им се врати на победите, гостува кај Тиквеш во Кавадарци. Струга го пречекува Пелистер, а Брера гостува кај Беса. 

Сите натпревари се играат од 13 часот.

ПМФЛ 16. коло:
Вардар - Гостивар
Шкендија - Шкупи
Силекс - Воска
Тиквеш - Работнички
Струга - Пелистер
Беса - Брера

Табела: Шкендија 30, Гостивар 30, Силекс 30, Работнички 28, Струга 26, Шкупи 16, Пелистер 16, Брера 16, Беса 13, Воска 12, Вардар 12, Тиквеш 10.