Поранешен фудбалер на Сити ќе се бори да стане претседател на Грузија!

Грузиската владејачка партија „Грузиски сон“ го номинираше поранешниот фудбалер Михаил Кавелашвили за свој кандидат на претседателските избори, закажани за 14 декември.

Кавелашвили, кој пред речиси три децении играше за Манчестер Сити, ќе ја претставува партијата во трката за шеф на државата. Тој во септември ја опиша опозицијата како „пета колона“, обвинувајќи ја дека по инструкции од американската администрација се обидува да го загрози мирот во Грузија, наведува „Ројтерс“. Три месеци претходно, тој изјави дека американските конгресмени планираат „насилна револуција и украинзација на Грузија“, со цел да ја уништат земјата.

Актуелната претседателка Саломе Зурабишвили, која беше избрана со поддршка на „Грузиски сон“, ја обвини партијата дека ги загрозува амбициите на Грузија за пристапување во Европската Унија. Прифаќајќи ја номинацијата, 53-годишниот Кавелашвили изјави дека ќе работи на обединување на Грузија и ја обвини Зурабишвили дека го „навредила и игнорирала“ Уставот на земјата.

Кандидатот за претседател на Грузија фудбалската кариера ја почна во Динамо Тбилиси, а освен за Сити настапуваше и за екипи како Грасхоперс, Цирих, Луцерн, Арау и Базел. На грузиската репрезентација одигра 46 средби и постигна девет гола.