Фудбалерите на Работнички со сигурна и убедлива игра им се вратија на победите, откако попладнево на домашен терен ја прегазија Беса (4-1) и тоа во меч во кој гостинскиот тим прв дојде во водство.

За составот од Дебар Маало ова беше прв триумф по повеќе од еден месец, со оглед што на последните четири меча имаат еден пораз и три нерешени средби. Ракипи во 22. минута неочекувано постигна гол за Беса, но на домаќинот му требаа само пет минути за да изедначи со погодокот на Рашид. Во второто полувреме до израз дојде квалитетот на Работнички, кој со три гола во овој дел од играта ги обезбеди драгоцените бодови.

До значаен бод во борбата за опстанок дојдоа и фудбалерите на Вардар, кои издржаа на средбата во Охрид и одиграа без голови на мечот против Воска, која им е директен ривал во борбата за избегнување на најлошото сценарио. Скопјани беа цврсти, се бореа силно и носено од песната на стотина Комити успеаја да избегнат пораз.

Силекс, пак, ја продлабочи кризата во таборот на Шкупи (2-0) со убедливиот триумф на Чаир, што за домашниот тим беше дури четврти пораз во низа. Додев беше керој кај кратовци, со два погодока во првото полувреме. Фудбалерите на Гостивар пред самиот крај го скршија отпорот на Тиквеш за минимална победа на средба одиграна во Штип, додека Брера и Струга ремизираа со голови постигнати во две минути – домаќинот поведе во 59. минута, а гостинот изедначи во 60. минута.

Вечерва во Битола играат уште Пелистер и Шкендија.

ТАБЕЛА: Гостивар 30, Силекс 30, Работнички 28, Шкендија 27 (-1), Струга 26, Шкупи 16, Пелистер 16 (-1), Брера 16, Беса 13, Воска 12, Вардар 12, Тиквеш 10.