Кошаркарите мора да победат во Клаипеда, инаку – лошо му се пишува на макбаскетот!

Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва на гости против Литванија (18.30 часот) го игра натпреварот од четвртото коло во квалификациите за Европското првенство 2025 година, кој е клучен за задржување на шансите за пласман на континенталниот собир.

Победа е единствената опција за нашиот национален тим, бидејќи пораз ќе значи и крај на соништата за учество на континенталниот шампионат по пауза од една деценија, со оглед што последен пат учествувавме веќе далечната 2015 година во Загреб. Противникот е веќе добро познат – литванската селекција која пред три дена триумфираше во Скопје со 82-67. Македонија, овој пат, ќе биде засилена со својот најдобар играч, Ненад Димитријевиќ, чие враќање значително ги зголемува шансите за реванш и можност за сензација. Но и покрај тоа, отсуството на Кристијан Николов, најдобриот играч од претходниот натпревар, е голем хендикеп за селекторот Александар Јончевски.

Естонија денеска игра на домашен терен против Полска и со победа уште сега ќе обезбеди виза за ЕП без разлика на резултатите од последните две рунди следниот февруари. Во случај на пораз на Македонија и триумф на Естонија, нашата репрезентација ќе ги загуби сите шанси за пласман, бидејќи Полска како ко-домаќин веќе има осигуран билет за шампионатот. Тоа би бил крах за макбаскетот, со оглед што следна шанса за настап со најдобрите во Европа би ја имале дури во 2029 година.

РАСПОРЕД - 4. КОЛО:

Естонија – Полска (17 часот)

Литванија – Македонија (18.30 часот)