Фудбалската репрезентација на Македонија триумфално ја заврши 2024 година со победа против Фарски Острови (1-0), со што со стил го потврдија првото место во групата, а со тоа и промоцијата во Лига Б.

Со пет победи и едно реми, македонските фудбалери постигнаа десет гола, а примија само еден, со што оваа кампања стана најуспешна во нивната историја. Решавачкиот гол, слично како и на пријателскиот натпревар минатата година, го постигна Бојан Миовски. Селекторот Благоја Милевски настапи со офанзивна формација, предводена од Миовски, Трајковски и Чурлинов, со капитенот Енис Барди веднаш зад нив. Деби во сениорскиот дрес забележа Бојан Илиевски. Македонија го започна натпреварот со доминација, играјќи претежно на противничката половина.

Првата закана дојде преку Миовски, кој не успеа да реализира. Најсериозната шанса во првиот дел ја имаше Исник Алими, но неговиот удар од тешка позиција заврши покрај голот, по одлична акција на Барди и Серафимов. Во вториот дел, гостите го зголемија притисокот, но не успеаја да го искористат својот момент. Најопасната шанса за Фарските Острови беше удар од слободен удар на Кнудсен, кој заврши во живиот ѕид. Победоносниот момент за наѓата селекција дојде во 62. минута. Атанасов испрати топка кон Миовски, а грешка во одбраната на гостите му овозможи на македонскиот напаѓач да излезе сам пред голманот и прецизно да реализира за 1-0. До крајот, темпото се намали, а Македонија успешно го зачува водството, затворајќи го натпреварот рутински и освојувајќи нови три бода.

Ова беше петта победа по ред за нашите фудбалери, со која ја потврдија доминацијата на Македонија во групата и си отворија сериозна шанса за пласман во баражот за место на СП 2026, што ќе биде попрецизно познато по завршувањето на квалификациите.