Холандија ја декласира Унгарија, Словачка загуби од Шведска (ВИДЕО)

Репрезентативците на Холандија ја прегазија Унгарија со убедливи 4-0, додека Шведска славеше со 2-1 против Словачка во петтото коло од Лигата на нации.

Холанѓаните со по два гола во двете полувремиња ја запишаа убедливата победа. Најпрво Вегхорст, а потоа Гакпо од пенали стрелаа за предност од 2-0, додека во вториот дел Думфрис и Копмајнерс ги поставија конечните 4-0.

Натпреварот во Амстердам падна во втор план поради драмата која се случуваше на теренот, кога се онесвести член на унгарскиот стручен штаб.

Холандија е на втората позиција во групата 3 од А-лигата со осум бодови, додека Унгарија е трета со пет поени.

Виктор Гекереш беше главен во победата на Шведска против Словачка, откако постигна гол во третата минута, а потоа му асистираше на Исак на стартот на вториот дел. Единствениот погодок за поразениот тим беше дело на Ханцко во 19. минута.

Шведска е на првата позиција со 13 поени, додека Словачка е второпласирана во групата 1 од Ц-лигата со 10 бодови.