Прилеп беше лесен залак за Пелистер

Актуелниот македонски ракометен шампион Пелистер го прегази Прилеп со убедливи 46-24 во 11. коло од Суперлигата.

Битолчани немаа милост за гостинскиот состав и тргнаа со сите сили кон голот на Прилеп, па победата ја најавија уште во првото полувреме кое им припадна со 23-16.

Пелистер доминираше и во вториот дел од натпреварот, односно постојано ја зголемуваше разликата до конечни 46-24.

Филип Кузмановски постигна шест голови за Пелистер, додека исто толку за Прилеп запишаа Илиески и Цветаноски.

Пелистер има 18 бодови, колку и Вардар и се наоѓа на делба на втората позиција, додека лидер на табелата е Алкалоид со 20 поени.