Олимпија Милано му ја продолжи агонијата на Партизан

Екипата на Партизан го доживеа шестиот пораз по ред во Евролигата, четврти на домашен терен откако вечерва загуби од Олимпија Милано со 81-88.

„Црно-белите“ повторно потфрлија и покажаа дека се далеку од воигран колектив и по десет одиграни кола имаат биланс 2/8. Денеска не успеаја да триумфираат и покрај тоа што во втората четвртина имаа предност од 12 поени разлика (38-26).

Клучна беше серијата од 7-0 на Олимпија Милано кон средината на последната четвртина по која италијанскиот шампион поведе со 82-76. Партизан имаше шанса во финишот, се доближи на еден посед (79-82), но не го искористи најважниот напад и се отиде во неврат.

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ не се прослави на денешниот натпревар. На теренот помина само девет минути, цело второ полувреме го преседе на клупа, а постигна три поени и тоа првите на натпреварот за 3-0 за Олимпија Милано.