Судијата кој го поништи голот на Барса до Флик: Што да правам?! (ВИДЕО)

Барселона во 13. коло од Ла Лига беше поразена на гости кај Реал Сосиедад со 1-0, но она за што најмногу се зборува по овој натпревар е поништениот гол на Роберт Левандовски.

Полскиот напаѓач во 13. минута при резултат 0-0 ја затресе мрежата на Реал Сосиедад, меѓутоа судијата Гиљермо Куадра по ВАР проверката го поништи голот.

Веднаш се појави снимка која требаше да биде оправдување за судиската одлука, но се случи спротивното. Левандовски беше во дуел со дефанзивецот Најеф Агуердо, а офсајдот беше досуден затоа што врвот од копачката бил во недозволена позиција.

Сепак, бројни шпански медиуми пренесуваат дека Барселона е оштетена затоа што ВАР погрешно го препознал стапалото, односно стапалото на Агуердо го сметал за стапало на Левандовски.

По натпреварот се појави снимка од полувремето како тренерот на Барселона, Ханси Флик му приговара на судијата Куадра, а тој му одговара:

„Што да правам? Ако ВАР вели дека е офсајд, зошто ние би измислувале офсајд?. Вие тврдите дека немало недозволена позиција и за вас не е ништо затоа што одлуката е против вашиот тим“.

Флик продолжува да инсистира на што судијата му повторува повеќе пати:

„Слушајте...но зошто ние би измислиле офсајд?“