Вардар со Седлоски го пречекува Шкупи во скопското дерби, Работнички гостува кај шампионот

Денеска на програмата е 14. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Вардар со новиот тренер Гоце Седлоски ќе го пречека Шкупи на „Градски“, лидерот Работнички му гостува на актуелниот шампион, тимот на Струга.

Стигнавме до 14. коло од сезоната, а Вардар ќе се обиде со четврти тренер да ја спасува сезоната. На кормилото по седум години се враќа Гоце Седлоски, а судбината сакаше неговото второ деби на клупата на црвено-црните да биде против неговиот поранешен клуб Шкупи.

Вардар од последната позиција ќе го пречека Шкупи, а не му цветаат рози ниту на чаирскиот клуб. Шкупи има шампионски амбиции, а се наоѓа на шестата позиција со дури девет бода заостанување зад лидерот Работнички, чаирчани загубија на последните два меча.

Интересно ќе биде да се види како ќе помине лидерот Работнички кај шампионот Струга. Романтичарите имаат низа од три нерешени натпревари, додека стружани се во подобра форма, ги добија последните два меча.

Силекс кој игра во најдобра форма во моментов е домаќин на Пелистер, Шкендија во Тетово ќе ја пречека Брера.

Во Кавадарци Тиквеш ќе се обиде да освои значајни бодови против Беса, а Гостивар ќе се сретне со Воска.

Сите натпревари почнуваат од 13 часот.

ПМФЛ 14. коло:
Вардар - Шкупи
Струга - Работнички
Силекс - Пелистер
Шкендија - Брера
Тиквеш - Беса
Гостивар - Воска

Табела: Работнички 25, Шкендија 24, Силекс 24, Гостивар 24, Струга 22, Шкупи 16, Пелистер 16, Брера 15, Беса 12, Воска 11, Тиквеш 9, Вардар 8.