Панчев бара алиби за својот поранешен клуб: Звезда немаше среќа како Динамо Загреб

Секогаш кога игра Црвена Звезда, српските медиуми се во комуникација со Дарко Панчев кој дава мислење за играта и тоа што е добро или лошо во тимот.

И по дуелот против Барселона, нашата фудбалска легенда е на линија со претставниците на седмата сила кај нашиот северен сосед и повторно во одбрана на ужасните резултати што ги бележи Звезда. „Црвено-белите“ се втор најлош тим во Лигата на шампионите по првите четири кола, се уште нема освоен бод и прими најмногу голови од сите екипи - 16. Според Панчев, тоа е резултат на недостатокот на среќа при ждрепката за српскиот тим.

„Објективно, Звезда имаше многу тешка ждрепка. По Барселона, доаѓа одличниот Штутгарт. Звезда дефинитивно немаше среќа како Динамо Загреб кому му падна да игра со Салцбург и Слован, веројатно најслабиот тим во Лигата на шампионите. Звезда припаѓа во групата од можеби 15 екипи кои не се во состојба да се борат со посилните од себе“, смета Панчев.

Звезда досега играше со Бенфика, Интер, Монако и Барселона и прими 16 гола, а не освои ниеден бод. Спортскиот директор на клубот Звездан Терзиќ пред почетокот на сезоната тврдеше дека Звезда е подобра од Динамо, но хрватскиот шампион досега освои седум бода, а меѓу другото, одигра 2-2 со Монако од кого Звезда загуби со 1-5.