Просинечки: Барселона нема лесно да ја победи Ц. Звезда на „Маракана!

Роберт Просинечки, кој беше маестрален кога Ц. Звезда го освои Купот на шампионите и кој подоцна го носеше дресот на Барселона, беше вистинскиот соговорник за шпанскиот „Ел Мундо Депортиво“ за утрешниот дуел помеѓу српскиот и каталонскиот клуб во четвртото коло од Лигата на шампионите (ЛШ).

Тој веќе го знае победникот, но мисли дека нема да биде така едноставно како што сите очекуваат.

„Црвена Звезда знае дека нема шанси да ја победи Барселона. Немаат бодови досега. Свесни се дека се инфериорни, но имаат одреден квалитет. Барселона сигурно ќе победи, но ќе треба да се потруди, нема да им биде лесно на 'Маракана'“, изјави Просинечки.

Хрватот, кој е и поранешен тренер на Црвена Звезда, истакна дека тимот на тренерот Милојевиќ доминира во Србија.

„Звезда е супериорна последните 10 години, додека Партизан, вториот тим во Србија, има многу проблеми. Во Лигата на шампионите е различно, играат против силни тимови, загубија убедливо од Интер и Монако. Доведоа неколку играчи за да направат нешто во Лигата на шампионите, но тоа не е само со трансфери. Сигурно ќе се бранат и ќе се обидат да направат нешто од транзиција, бидејќи не се лоши во тоа, а можат да бидат и 'здодевни'“, дополни Просинечки.

Некогаш фантaстичниот фудбалер беше запрашан дали успехот од 1991 може некогаш да се повтори.

„Порано не можеше да ја напуштиш Југославија пред 28 години. Секој квалитетен фудбалер играше во таа голема лига која беше силна со ’големата четворка’ - Звезда, Партизан, Динамо и Хајдук. Мојата Звезда се создаваше три-четири години со Панчев, Савичевиќ, Југовиќ, Михајловиќ. Каков квалитет! Но, почна војната и се се смени. Нашата генерација беше полна со талент и карактер. Сега е различно, тешко е да се повтори. Децата заминуваат во големите клубови на 16 години“, објасни популарниот „Жути“.

На крајот, тој зборуваше и за „Маракана“.

„Кога играв имаше до 100.000 луѓе на трибините, а сега има 50.000, но ќе видите дека атмосферата ќе биде импресивна. Навивачите се постојано со тимот и поради тоа на 'Маракана' не е лесно да се игра“, заврши Просинечки.