По 20 години пак на Чаир: Неџипи ќе биде „стоти по ред“ спортски директор на Шкупи!

Поранешниот македонски репрезентивец, Ндерим Неџипи, ќе биде нов спортски директор на екипата на Шкупи, што за него ќе биде враќање на Чаир по две децении, со оглед што настапуваше за овој клуб во сезоната 2000/01 и во 2004 година кога го носеше името Слога Југомагнат.

Тој ќе биде „стоти по ред“ на оваа функција во чаирскиот тим, кој изминативе години директорите ги менуваше „како чорапи“. Тој доаѓа на местото на Емир Шабани, кој на оваа позиција дојде во април годинава, а претходно во оваа улога беа имиња како Флорин Муча, Дамир Ибриќ, Јане Николовски, Имер Буњаку, а се споменуваше и поранешниот фудбалер на Фенербахче, Ѓокан Бозкаја.

Неџипи има одиграно еден натпревар за најдобрата селекција на Македонија, како и вкупно повеќе од 20 за младинските репрезентации до 17, 19 и до 21 година. Во 2001 година од Чаир направи сензационален трансфер во Херта, потоа настапуваше и за Волфсбург, а во домашното првенство играше уште и за Работнички и за Шкендија во три наврати.