МЗТ Скопје казнет со 30 илјади денари поради присуство на гледачи
Во билтенот од Кошаркарската федерација на Македонија стои дека екипата се казнува за „непочитување на одлуките и кршење на актите на КФМ“ откако на трибините се најдоа гледачи и покрај суспензијата на теренот во „Јане Сандански“. МЗТ Скопје беше казнет поради нередите на натпреварот против Работнички во третото коло и немаше право на публика на дуелот со МКК Куманово.
„Во еден момент од натпреварот 9.43 2/4 упаднала поголема група на домашните навивачи кои запалиле два факела и пееле навивачки песни и упатувале навредливи и вулгарни зборови кон раководството на КФМ. Во тој момент натпреварот бил прекинат и паузата траела околу 8 мин., после тој период навивачката група мирно ја напуштила салата“, стои во образложението од делегатот на натпреварот.
За МЗТ Скопје тоа беше прв натпревар на домашен терен оваа сезона откако во претходните три кола играше како гостин.