Нема место во календарот, дуелот на Валенсија и Реал би можел да се игра во мај

Поради катастрофалните поплави во регионот Валенсија, фудбалскиот натпревар меѓу екипите на Валенсија и Реал што требаше да се игра утре е откажан, а нејасно е кој ќе биде новиот термин за негово одигрување.

Начелно, Ла Лига треба да излезе со предлог-термин до 5 ноември, но имајќи го предвид календарот на двете екипи, особено на Реал, не е исклучено мечот да биде презакажан дури за мај. Мадридскиот тим има напорна агенда во Лигата на шампионите која оваа сезона се игра во нов формат и има два нови термини во јануари што го прави проблемот уште посложен. Освен тоа, како актуелен европски шампион, Реал на 18 декември ќе настапи во финалето од Интерконтиненталниот куп во Катар и тоа ќе му одземе уште една можност да го одигра мечот со Валенсија, а од 6 до 12 јануари на програмата е шпанскиот Суперкуп во Саудиска Арабија.

Сега се зависи од тоа дали Реал ќе заврши во топ-8 од Лигата на шампионите со што би избегнал плејофот и со тоа би отворил два термина во февруари, на 11/12 и 18/19. Ако тоа не се случи, единствен празен термин е периодот меѓу 19 и 25 мај, освен ако во меѓувреме Реал не испадне порано од Лигата на шампионите.

Последното коло во Ла Лига е планирано да се одигра на 25 мај, па се поставува прашање дали е регуларно натпревар од 12. коло да се стави пред крајот на сезоната кога е можно некоја од екипите да го знаат својот статус и да не играат со полн капацитет.