Ракометарите се свесни дека се големи фаворити, ама - не ја потценуваат Естонија!

Македонската ракометна репрезентација вечерва го започнува походот кон Европското првенство, кое во 2026 година ќе се одржи во Норвешка, Данска и Шведска и тоа како дел од групата во која се Естонија, Литванија и Словенија и од која првите две места водат на континенталниот турнир.

Првиот натпревар од квалификациите, нашите ракометари го играат на домашен терен, пред верната публика во СЦ „Борис Трајковски“ и тоа против репрезентацијата на Естонија (20 часот). Селекторот Кирил Лазаров нагласува дека иако Македонија е фаворит, потребни се внимание и максимална борбеност и пред се неопходно е противникот да не се потцени.

„Искуството ми покажува дека секогаш треба да бидеме внимателни. Ги анализиравме противниците и имаме подготвена стратегија. Не бегаме од фаворитската улога против Естонија, но очекуваме потежок натпревар на гостувањето против Литванија, која е сериозна селекција со ракометна традиција,“ истакна Лазаров.

Селекторот за овој меч нема да може да смета на неколку стандардни играчи, меѓу кои се Никола Митревски, Филип Талески и Томислав Јагурновски, како и браќата Никола и Ненад Костески, кои се отсутни поради повреди. Оптимизам за младиот состав изрази и еден од најискусните играчи, Филип Кузмановски.

„Не потценуваме ниту еден противник. Ова е прв натпревар, го играме дома и се надеваме на голема поддршка од публиката. Ќе одиме чекор по чекор и ќе се бориме за Македонија повторно да се најде на едно големо првенство“, изјави Кузмановски.

Македонија во исчекување на настапот на претстојното Светско првенство во Хрватска во јануари следната година, ќе се обиде во двата квалификациски меча овој месец да направи огромен исчекор кон осмото по ред, а вкупно деветто учество на Европските првенства. Жолто-црвените втората средба од ноемврискиот циклус ќе ја одиграат в недела на гости кај Литванија.