Пелистер има еден од најискусните тимови, ама и најлош напад во Лигата на шампионите
Битолскиот тим досега освои само еден бод и тоа против Спортинг на домашен терен што резултираше со тренерска смена и заминување на Бранко Ангеловски на чие место дојде Звонко Шундовски. Статистиката во Лигата на шампионите не им дава право на оптимизам на играчите и навивачите на Пелистер.
Македонскиот претставник е убедливо најнеефикасен во досегашниот дел од елитното натпреварување. Досега постигна само 141 гол што е нешто над 23 по натпревар. Најблиску до него пред седмото коло беше Висла Плоцк со 157 гола што јасно покажува кој е најголемиот проблем во редовите на Пелистер. Интересно е тоа што битолчани имаат еден од најискусните, односно највозрасни тимови во Лигата на шампионите со просечна старост од 28,8 години. Пред Пелистер се само Веспрем, ПСЖ и Пик Сегед.
Интересно е тоа што најмлад тим Спортинг кој е и најпријатно изненадување во досегашниот дел од Лигата на шампионите. Иако поминува низ мала криза и по фантастичниот старт, во последните четири кола оствари само една победа, Спортинг има убедливо најмлад тим, со просечна возраст од само 23,9 години.