Пелистер не ја потценува Фредериција, но вечерва сака прва победа во ЛШ

Пелистер вечерва од 18:45 часот на гостувањето во Данска против тимот на Фредериција ќе се обиде да дојде до првата победа во Лигата на шампионите по долго време.

Сезонава Пелистер освои бод против Спортинг на домашен терен во Битола, но на победа ракометарите на актуелниот македонски шампион се уште чекаат.

Фредерија е можеби добра можност затоа што станува збор за тим кој на табелата има само бод повеќе од македонскиот претставник и со победа пелистерци би го избегнале дното на табелата.

Но, данскиот тим покажа дека има квалитет во минатото коло кога ја совлада Висла и ги освои првите два бода, па Пелистер со еден остана последен.

Звонко Шундовски кој е привремено на клупата сепак, не сака да го потцени противникот.

„Фредериција е навистина добар тим. Доаѓа од Данска, една од најголемите светски ракометни сили, што доволно кажува за каков тим се работи. Играат модерен, брз ракомет со доста шутеви од надвор и имаат самодоверба. Но, ние мора да се фокусираме на нашата цел. Сите во екипата се максимално мотивирани и со вистински пристап кон играта, верувам дека имаме шанси за добар резултат“, изјави стратегот на Пелистер на вчерашната прес-конференција пред натпреварот.

Во редовите на Фредериција настапува и Табоада кој пред три сезони го напушти Пелистер за да се пресели во Данска.