Подготвена ли е Европа за стилот на игра на нашиот Шортс и на неговите соиграчи!?
Составот за кој настапува македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс погоди 20 тројки (38,5-отсто), што сочинува две третини од вкупниот број поени во победата на гостувањето кај Алба со 92-83. Овој „спектакл од тројки“ го прокоментира и познатиот хрватски стручњак, Александар Петровиќ.
„Кошаркарите на Париз го подигнаа шутот за три поени на ново ниво. Во вчерашната победа против Алба, имаа шут од 20/52, а само Назир Хифи шутна дури 19 пати. Речиси сите обиди беа во првите седум секунди од нападот. Дали останатите тимови во Евролигата се подготвени за овој стил 'ран енд ган'?“ напиша популарниот Аца Трица.
Петмина кошаркари на Париз упатија најмалку по пет шута за три, додека само Тајсон Ворд и Михаел Јантунен стигнаа до 50-отстотна успешност (6/12 и 4/8). Хифи реализираше седум тројки, додека Јакуба Утара со 1/5 и Колин Малком со 1/6 ја намалија успешноста. Според позициите од кои шутнаа играчите на Париз, речиси го пресликаа стилот на НБА тимовите, во ера кога речиси нема шутеви од полудистанца. Тимот од француската престолнина упати само три шута од позиции помеѓу рекетот и линијата за тројка, реализирајќи два од нив.