ШК Алкалоид со шаховски спектакл во Скопје прослави половина век постоење!
Битката за втората позиција донесе вистинска драма во последното коло, во кое интернационалниот мајстор Филип Панчевски оствари клучна победа над велемајсторот Звонко Станојоски. Со овој триумф, Панчевски стигна до 9 бода и ја освои наградата за второто место. Ист број на бодови собраа и ФИДЕ мајсторот Андреј Велјаноски и интернационалниот мајстор Борољуб Златановиќ, но по аплицирањето на дополнителните критериуми и послабиот тај-брејк, Велјаноски беше рангиран како трет, додека Златановиќ остана зад него. На делба на петтото место со 8,5 бода се најдоа ИМ Никола Николовски и ФМ Ендрит Уручи, додека групата играчи со 8 бода ја предводеше ВМ Станојоски, придружуван од ИМ Тони Кироски, Филип Михов, Стојанчо Димковски и други.

Турнирот беше одлична можност за докажување и во останатите категории, па така признанието за најуспешен меѓу ветераните му припадна на ФМ Александар Кралевски, додека Леа Ефтовска и Александра Димитри беа најдобропласирани во женска конкуренција. Посебно внимание предизвикаа јуниорите од шаховската школа на Алкалоид кои освоија две специјални награди. Младиот клупски талент и младински првак до 12 години, Давид Атанасовски, беше прогласен за најдобар играч со рејтинг под 1799 поени, додека 16-годишниот Фатих Акбијуик ја однесе наградата за најдобар шахист во категоријата со рејтинг од 1800 до 1999 поени.

Свечениот карактер на настанот беше збогатен и со авторска презентација на Монографијата за клубот, дело подготвено од интернационалниот мајстор Никола Димовски, што претставуваше своевидна најава за нејзината официјална промоција. Веднаш по овој славенички турнир, фокусот на ШК Алкалоид се насочува кон меѓународната сцена. Следна голема активност ќе биде настапот на престижниот Европски клупски куп во Црна Гора, кој ќе се одржи од 17 до 23 октомври, каде што покрај славеникот, македонскиот шах ќе биде претставуван и од екипата на ШК Мулти Есенс.




