Селекторот на Аргентина ќе биде нов тренер на Вардар - промоција неделава!?

Аргентинскиот стратег, Гиљермо Милано (51), ќе биде новиот предводник од клупата на двојниот европски шампион Вардар, а промоцијата на наследникот на Владо Недановски се очекува до крајот на оваа недела.

Станува збор за искусен тренер, кој изминативе четири години е селектор на „гаучосите“ , со кои обезбеди пласман во главната фаза на последните две Светски првенства (СП) и настапи на турнирот на Олимписките игри во Париз. Во исто време, тој беше задолжен и за младинскиот состав, со кој следниот викенд и официјално ќе заврши неговата работа со аргентинските национални селекции. Дознаваме дека Вардар и Аргентинецот ќе потпишат долгогодишен договор, а се очекува по него, да пристигнат и неколку нови засилувања. Милано доаѓа во Скопје на препорака на тренерот на Веспрем, Чави Пасквал. 

Тој изминативе 19 години ги мина како дел од стручните штабови на репрезентациите на Аргентина, прво како помошник, а потоа и како селектор во сите возрасни категории, а на крајот и на првиот тим со кој оствари 28 победи со 25 порази и едно реми.

Милано е добро познат и на македонската ракометна јавност, но го знаеме по лошо - тој ги предводеше „гаучосите“ до убедлива победа над Македонија (35-26) на ланскиот Мундијал во Полска. Пред три години, пак, на светскиот собир во Египет, тој излезе на крај и со реномираната Хрватска, совладувајќи ја со 23-19.

Аргентинецот на клупата на Вардар доаѓа на местото на Недановски, за кого пред неколку дена беше соопштено од управата на клубот дека повеќе нема да го предводи црвено-црниот тим. Предводниците на шампионот на Европа од 2017 и 2019 година се надеваат дека со ангажманот на Милано драстично ќе се подобри играта на оваа екипа, во обидот за враќање на самиот врв од македонскиот ракомет, што значи атак на титулата и на трофејот во Купот на Македонија.