Чудесен пресврт на ЛА Лејкерс – победи убедливо по негатива од 22 поени (ВИДЕО)

Кошаркарите на ЛА Лејкерс дојдоа и до втората победа по ред во новата сезона во НБА, откако ноќеска на домашен терен го совладаа Феникс санс (123-116) и тоа со – спектакуларен пресврт.

„Сонцата“ фантастично ја почнаа средбата, погодуваа од секоја позиција, што има донесе убедлива позитива уште на крајот од првата, а потоа и највисоки плус 22 на почетокот од втората четвртина (48-26). Тоа како да ги пробуди „езерџиите“, кои до крајот на полувремето намалија на едноцифрен минус, а во третата направија целосен пресврт. Домаќинот во последниот период веќе ја имаше контролата врз резултатот и на крајот без проблеми дојде до триумф.

Ентони Дејвис со 35 поени и осум скока беше најпрецизен кај тимот од „Ел-Еј“, а заедно со учинокот од воведната средба (35 поени) стана првиот кошаркар на Лејкерс со најмалку 30 поени на два меча на стартот од сезоната. Претходно, тоа го имаше направено големиот Коби Брајант уште далечната 2005 година. Остин Ривс дополни со 26 поени и осум асистенции, а Леброн Џејмс со 21 поен и осум асистенции имаше свој удел во пресвртот на Лејкерси. Кевин Дурент со 30 и Девин Букер со 23 поени беа најефикасни кај Феникс.

Ова, воедно, е прв старт со две победи во низа за ЛА Лејкерс по сезоната 2010/2011.

РЕЗУЛТАТИ: Орландо – Бруклин 116-101, Торонто – Филаделфија 115-107, Атланта – Шарлот 125-120, Кливленд – Детроит 113-101, Њујорк – Индијана 123-98, Хјустон – Мемфис 128-108, Милвоки – Чикаго 122-133, Јута – Голден Стејт 86-127, ЛА Лејкерс – Феникс 123-116, Портланд – Њу Орлеанс 103-105.