Премиера на филмот „Дражен“ по повод 60. роденден на кошаркарскиот Моцарт!

Денеска се одбележуваат 60 години од раѓањето на Дражен Петровиќ, еден од најдобрите кошаркари на сите времиња.

По тој повод, вечерва во неговиот роден град Шибеник ќе се одржи светската премиера на долгометражниот играч филм во негова чест „Дражен“. Филмот е сниман на автентични локации во Шибеник, Загреб и Њу Џерси, а ја следи биографијата на Петровиќ од првите кошаркарски чекори, до неговата смрт.

„Името Дражен Петровиќ предизвикува восхит во цел свет, не само во кошарката, туку како синоним, како со голема работа може да се остварат сништата. Додека многумина го запознаваа низ неговите спортски успеси, ние на големото платно сакавме да ја прикажеме приказната за човекот - неговиот раст, односот со семејството и личностите од приватниот и професионалниот живот кои го поддржуваа кон врвот. Поради тоа, ова не е типичен спортски филм, туку ја нагласува животната приказна на Дражен“, порачаа продуцентите на филмот.

Дражен Петровиќ веќе 31 година не е меѓу нас откако на 7 јуни 1993 година го загуби животот во сообраќајна несреќа во близина на Денкендорф, Германија. И три децении подоцна, неговото име предизвикува почит кај секој искрен љубител на кошарката, особено на просторите на поранешна Југославија.

Како професионалец, Дражен Петровиќ играше за Шибенка, Цибона, Реал, Портланд и Њу Џерси. Освои две титули во тогашниот Куп на европски шампиони со Цибона со која триумфираше и во Купот на победниците на куповите, натпреварување кое го освои и со Реал. Особено беше успешен со југословенската репрезентација со која освои вкупно шест медали на големите натпреварувања, вклучувајќи злато на Светското првенство во 1990 и на Европското првенство во 1989 година. По распадот на Југославија, настапи за Хрватска на Олимписките игри во Барселона каде стигна до среброто, но за жал, тоа е последен голем настан на кој учествуваше.