Недановски: Единствена опција за Вардар против Порто е – победа!

Без калкулација и со огромна решителност за нов триумф, ракометарите на Вардар ќе влезат во утрешната пресметка против Порто во меч од 3. коло од Европската лига.

Тренерот Владо Недановски е свесен за големата важност и најавува жестока битка на патот кон остварување на целта.

„Порто мора да го победиме ако сакаме да ја поминеме групата. Тоа е квалитетен тим, кој десет години играше во Лигата на шампионите. Добро се покриени на сите позиции. Нема да се штедиме и премногу да размислуваме - една и единствена опција е победата. Предноста на Порто е тоа што има искусни ракометари, што не е случај во нашата екипа. Мора да сфатиме дека освен три-четири играчи во овој Вардар, останатите се млади и играат првпат во Европа. Најголемата опасност од Порто доаѓа од среден бек, како и нивните кружни напаѓачи кои се крупни и прават проблеми. Имаат добар голман и играат брз и модерен ракомет“, изјави Недановски.

Стратегот на црвено-црните се пожали на проблемите во играчкиот кадар.

„За жал имаме неколку повредени играчи. Освен неверојатната случка со Вуко Борозан, кој шетајќи со своите деца беше нападнат од кучиња и заврши во болница, нема да може да сметаме ниту на Хориха и Пинто, кои од претходно се повредени. Јагуриновски исто така не беше во полн тренажен процес и останува да видиме до натпреварот дали ќе биде подготвен“, дополни Недановски.