Вардар спектакуларно ќе го прослави 65. роденден – во ретро-дресови против Алкалоид!

Екипата на Вардар подготвува спектакуларно одбележување на 65-годишниот јубилеј, со централниот настан закажан за в четврток (23 април) во СЦ „Јане Сандански“, за време на натпреварот против Алкалоид во рамки на 6. коло од плејофот во Суперлигата.

Во фокусот на прославата ќе биде настапот на вардарци во специјално дизајнирани ретро-дресови, со кои клубот ќе им оддаде почит на славните генерации и богатата историја. Овој симболичен потег треба да ја врати носталгијата и духот на старите времиња, но и да ја потенцира врската меѓу минатото и сегашноста на најтрофејниот македонски ракометен бренд.

Натпреварот е закажан за 18 часот, но празничната атмосфера ќе започне многу порано и тоа на платото пред салата ќе биде организирана фан-зона со богата програма за сите посетители, како увертира за главниот настан. Од клубот упатуваат отворена покана до сите навивачи да бидат дел од прославата и заедно да го одбележат значајниот јубилеј. „Црвено-црните“ потенцираат дека ова е момент на заедничка гордост по децении поддршка, борба и успеси, нагласувајќи ја важноста на верноста на навивачите низ годините.

Како дел од јубилејната година, најавен е и документарен филм посветен на клубот, кој ќе ја раскаже приказната за сите генерации, легенди, играчи, тренери и навивачи што оставиле длабока трага во историјата на Вардар.