Експресно казнети судиите поради кои цела Европа ѝ се смее на АБА2 лигата!

Дисциплинската комисија на АБА 2 лигата ги експресно санкционираше судиите на синоќешниот натпревар помеѓу Златибор и Борац Бања Лука, кој се одигра во рамките на 2. коло од тоа натпреварување.

Судиите Радош Савовиќ, Воислав Лепетиќ и Миодраг Лакиќевиќ добија суспензија на два натпревари поради потпросечен учинок во споменатата игра, бидејќи дозволија циркус на паркетот и направија ова натпреварување да служи за потсмев во спортскиот свет. Тие не реагираа кога во финишот на првото полувреме Златибор играше со шест играчи во поле.

Овој огромен пропуст траеше дури две минути без никој да забележи, што беше причина овој скандал да биде топ-вест утринава речиси во цела Европа. Во АБА2 лигата играат и три македонски екипи и тоа МЗТ Скопје, Работнички и Пелистер.