Мразот е скршен, вечерва Пелистер ќе бара крај на серијата од 22 натпревара без победа

Откако минатата недела освои бод во дуелот со Спортинг на домашен терен, македонскиот првак Пелистер вечерва е пред нов предизвик во Лигата на шампионите.

Првпат во својата историја, битолскиот тим ќе се сретне со Висла Плоцк од Полска и ќе се обиде да стави крај на серијата од 22 натпревара без победа во елитното ракометно натпреварување. Последниот триумф Пелистер го запиша на 8 октомври 2005 година, во дуелот со Кадетен Шафхаузен, лани претрпе 14 порази во исто толку натпревари, а оваа сезона ја почна само само еден бод на четири меча.

Пелистер го очекува вечерашниот натпревар како подобро пласиран од својот ривал бидејќи Висла Плоцк, заедно со Фредериција, е еден од двата тима без бодови во досегашните четири кола. Сепак, тоа не значи многу бидејќи полскиот тим навистина немаше многу среќа во овие четири натпревари. Минимални порази, од по еден разлика доживеа од Фуксе и ПСЖ, а со два разлика загуби од Динамо Букурешт. Единствениот кој убедливо ја совлада беше Спортинг во првото коло кога славеше со 34-29. Така, по четири кола, Висла подобра гол разлика (-9) од Пелистер (-19) поради што и во редовите на овој тим владее оптимизам дека вечерва може да дојде до првата победа сезонава. Тоа го потенцираше и тренерот на Пелистер, Бранко Ангеловски пред денешниот дуел.

„Висла е добро компонирана и селектирана екипа од шпански тренер како Сабате. Играат шпански систем со многу интернационални, екипа која пред неколку дена го победи Киелце и е актуелен шампион. Не е реална табелата во Лигата на шампионите на Висла, тие се далеку подобар тим од тоа што овие четири натпревари го покажуваат. Ние имавме позитивна недела, одигравме одличен натпревар во Лигата на шампионите и добар дерби натпревар во македонското првенство. Имаме позитивна атмосфера, тоа ме радува и ќе одиме да се надигруваме со Висла, а не да гледаме да загубиме со помал број на голови. Тоа е една наша карактеристика. Имаме неколку повредени ракометари, но за неколку дена верувам дека ќе бидат здрави и спремни за добра претстава, рече Ангеловски.

Натпреварот меѓу Висла Плоцк и Пелистер се игра вечерва од 20:45 часот во Орлен арената која има капацитет од 5.500 места.