УЕФА казни два големи европски клуба поради – расистичко навивање!

Европската фудбалска федерација (УЕФА) денеска соопшти дека ги казнила екипите на Лацио и Атлетико Мадрид поради расистичкото однесување на нивните навивачи.

Шпанскиот клуб е санкциониран со 30.000 евра, заедно со една година условна забрана за продажба на билети на своите навивачи на гостински натпревари во натпреварувањата на УЕФА. Управното тело на европскиот фудбал објави дека имало расистичко и дискриминаторско однесување на навивачите на Атлетико за време на натпреварот од Лигата на шампионите против Бенфика на почетокот на месецот.

Римјаните, пак, се казнети со 45.000 евра поради „расистичко однесување на нивните навивачи“ за време на неодамнешниот натпревар во Лигата на Европа против Ница. УЕФА додаде дека два сектори од стадионот на Лацио ќе бидат затворени за следниот домашен натпревар на италијанскиот клуб во Лига Европа против Порто на 7 ноември.