Пелистер освои прв бод не по 17, туку по дури 21 пораз по ред во ЛШ!

Точно 19 години и 1 ден поминаа откако Пелистер последен пат освои бод(ови) во Лигата на шампионите.

На 8 октомври 2005, битолскиот тим триумфираше против Кадетен Шафхаузен со 32-31 во второто коло од групната фаза која тогаш се играше во друг формат. Оттогаш забележа 21 пораз во низа од кои 17 во последните две сезони што е една од најцрните серии во историјата на елитното ракометно натпреварување.

Пред освојувањето на последните две титули во домашното првенство, Пелистер беше првак на Македонија во 2005 година и оттогаш датира последното учество во Лигата на шампионите. Таа 2005/06 беше во група со Портланд Сан Антонио, Загреб и Кадетен Шафхаузен, претрпе неколку катастрофални порази, како оној од Портланд Сан Антонио со 18-33 и од Загреб со 13-37, но ја спаси честа со триумфот против швајцарскиот претставник кого го совлада во тесна завршница.

Со оглед на тоа што тој меч се играше во второто коло, следуваше серија од четири порази до крајот на групната фаза на кои Пелистер ги надоврза 17. во последните две сезони, се до синоќешниот меч со Спортинг. И покрај ремито со португалскиот тим, Пелистер и натаму е во серија од 22 меча без победа во Лигата на шампионите.