Кејн нема да биде стартер против Грција, Англија ќе има нов капитен

Најдобриот стрелец во историјата на англиската репрезентација Хари Кејн нема да биде дел од стартната постава на вечерашниот натпревар против Грција, во Лигата на нации затоа што уште не е заздравен по повредата што ја доживеа во дресот на Баерн.

Селекторот Ли Карсли порача дека не сака да ризикува со неговото здравје и можно е вечерва воопшто да не го користи, но во исто време изрази надеж дека Кејн ќе биде подобар до недела кога Англија ѝ гостува на Финска. Поради отсуството на Кејн, Карсли мораше да назначи нов капитен за вечерашниот меч, а таа чест ја доби фудбалерот на Манчестер Сити, Џон Стоунс.

„Ова е остварување на мојот детски сон. Му благодарам на Ли, останав без зборови кога ми соопшти дека ќе бидам капитен“, рече Стоунс.

Денешниот дуел меѓу Англија и Грција е директна пресметка за првото место во групата 2 од Лигата Б бидејќи по првите две кола двете селекции имаат по шест бода.